Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина ќе ги исполни своите обврски според договорот за безбедност во Црното Море, но нагласи дека ќе бара дополнителни санкции доколку Русија не го стори истото.
„Доколку Русите го прекршат договорот, имам директно прашање до претседателот Трамп“, им рече Зеленски на новинарите во Киев. „Ако тие прекршуваат, еве ги доказите – бараме санкции, бараме оружје“, додаде тој.
Зеленски го нарече договорот за запирање на нападите во Црното Море чекор во вистинската насока, но остана претпазлив.
„Прерано е да се каже дека договорот ќе функционира, но ова беа вистинските состаноци, правилни одлуки и правилни чекори“, им рече тој на новинарите.
„По ова, никој не може да ја обвини Украина дека не се движи кон одржлив мир“, додаде тој.
Зеленски денеска го коментираше и договорот според кој САД ќе и помогнат на Русија да го врати пристапот до светскиот пазар за извоз на земјоделски производи, нарекувајќи го слабеење на санкциите.
Соединетите Држави, под претходната администрација на претседателот Џо Бајден, водеа широка кампања на санкции против Русија, вклучувајќи ограничувања на извозот на руска нафта и гас, како што е плафонот од 60 долари за барел за извоз на руска нафта. Извори за Ројтерс изјавија дека администрацијата на Трамп ги проучува начините за олеснување на санкциите доколку Москва се согласи да стави крај на војната.
Како дел од денешниот договор за безбедна пловидба во Црното Море, Белата куќа објави дека „ќе помогне да се врати пристапот на Русија до светските пазари за извоз на земјоделски и вештачки ѓубрива, да се намалат трошоците за поморско осигурување и да се подобри пристапот до пристаништата и платните системи за такви трансакции“.
Кремљ нагласи дека договорот ќе стапи на сила дури откако ќе бидат укинати санкциите за руските финансиски институции, бродови и компании кои произведуваат и извезуваат храна и ѓубрива.