– Безбедносните мерки во голем број руски региони се зајакнати во обидот на руските власти да спречат вооружен бунт, предводен од шефот на паравоената организација „Вагнер“ Евгениј Пригожин.
Мерките за безбедност се особено зајакнати во областите меѓу јужниот град Ростов на Дон и Москва.
Безбедносните мерки се зајакнати на голем број влезови во Москва на Московската обиколница, а поставен е контролен пункт со фрлач на гранати и оклопен транспортер на излезот од Московскиот кружен пат во областа Јасенева, јавуваат руски медиуми.
Безбедносните сили поставија автоматски тежок фрлач на гранати во близина на излезот на обиколницата во Москва кај Јасенево, а на таа локација има и неколку камиони и оклопни транспортери, додека сообраќајните полицајци ги запираат автомобилите и ги проверуваат документите на возачите. Запрен е и сообраќајот на реката Москва во руската престолнина.
Во близина на влезот на главниот автопат што ја поврзува Москва со Воронеж и Ростов на Дон, забележани се полицајци во панцири и со митралези.
Гувернерот на регионот Липецк Игор Артамонов ги замоли жителите да останат дома и да се воздржат од патување. Артамонов на Телеграм напиша дека членови на „Вагнер“ влегле во регионот Липецк, но дека „ситуацијата е под контрола“.
Во соседниот регион Тамбов денеска беа откажани масовните настани, вклучително и матурските прослави.
Министерството за образование на Русија соопшти дека ваквите прослави се одложуваат до 1 јули во Москва, регионот околу главниот град и „многубројни други региони каде што се воведени дополнителни антитерористички мерки“.
Гувернерот на Калушката област, која се наоѓа јужно од Московската област, рече дека патниот сообраќај е ограничен во областите на западната, јужната и источната граница на Калушката област.
Гувернерот на Калушката област, Владислав Шапша, на Телеграм напиша дека луѓето треба „да се воздржат од патување со приватно возило по овие патишта, освен ако е апсолутно неопходно“.