Десетици илјади демонстранти излегоа денеска на улиците во 52 шпански градови, огорчени од отстапките што социјалистичкиот премиер Педро Санчез ги направи на поборниците за отцепување на Каталонија и Баскија во замена за нов четиригодишен мандат на чело на Шпанија.
Санчез, лидерот на шпанската Социјалистичка работничка партија, следната недела треба да добие поддршка од 179 од вкупно 350 членови на парламентот за да формира нова левичарска влада.
Protests taking place currently in Extremadura, Spain as locals protest against current government and current PM Pedro Sanchez. 🇪🇸
Viva España 🇪🇸🇪🇸🇪🇸 pic.twitter.com/qrNWvzIWmE
— Ian 🇵🇱🇦🇺 (@IanPolska_99) November 12, 2023
Откако во четвртокот постигна договор со партијата Заедно за Каталонија (JxCAT), на чијшто прогонет лидер Карлес Пучдемон му беше ветено прошка за организирањето на забранетиот референдум за независност во 2017 година, тој исто така се согласи со Баскиската националистичка партија (ПНВ) да и даде поголема автономија на Баскија, која ќе има статус на нација.
Десничарската опозициска Народна партија (ПП) повика на масовни протести денеска во 12 часот.
Pro-Palestine protest in Barcelona, Spain. pic.twitter.com/m1Omzk7vnz
— Clash Report (@clashreport) November 12, 2023
„Санчез и неговите партнери го подготвуваат најголемиот напад досега врз владеењето на правото, врз рамноправноста на Шпанците и институциите“, изјави Алберто Нуњез Фејо, лидер на ПП. Тој преку социјалните мрежи ги повика граѓаните на Шпанија, земја со 47 милиони жители која моментално претседава со ЕУ, да го изразат своето незадоволство.
Во јули, Фејо победи на парламентарните избори пред ПП, но со недоволно гласови за сам да формира влада. Откако не успеа да ги натера другите партии да го поддржат, шансата ја доби второпласираниот Санчез со неговите социјалисти.
Санчез зависи од поддршката на партиите кои се залагаат за независност на автономните покраини: Каталонија, каде живеат 7,5 милиони жители, Галиција со 2,7 милиони и Баскија со 2,2 милиони.
Десетици илјади собрани демонстранти, со истакнати шпански знамиња на главниот плоштад во Мадрид, Пуерта дел Сол, веруваат дека договорите со овие партии го загрозуваат интегритетот на Шпанија. Тие сметаат дека законот за амнестија на осудените Каталонци, за којшто би можело да се гласа во парламентот следната недела, ќе ги охрабри поборниците за независност на нов обид за отцепување.
„Сега е моментот за единство. Политичките поделби не се важни“, рече од протестот Сантијаго Абаскал, лидер на десничарската партија Вокс, која има трет најголем број претставници во парламентот.
Во саботата вечерта, деветти ден по ред, се одржаа протести пред седиштето на Социјалистичката партија во Мадрид, каде беа уапсени 24 демонстранти под обвинение дека фрлале тврди предмети и запалиле ракети кон полицијата, која го блокирала пристапот до зграда со железни огради. Седум полицајци се полесно повредени.
Санчез минатата недела рече дека договорите со регионалните партии на Каталонија и Баскија се единствениот начин Шпанија да добие влада. Тој тврди дека договорот ќе ја нормализира политиката во Каталонија. Доколку овој месец не добијат влада, Шпанците во јануари ќе одржат нови избори.