Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен денеска го критикуваше генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш за неговите изјави за нападите на Израел врз Газа, прашувајќи го „во кој свет живее“.
„Господине, генерален секретар, во кој свет живеете? Тоа дефинитивно не е наш свет“, изјави Коен на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации за војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Гутереш претходно повика на итен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа и нагласи дека страшните напади на палестинската милитантна група Хамас врз Израел не можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ.
„Ниту една страна во вооружен конфликт не е над меѓународното хуманитарно право“, изјави генералниот секретар на Обединетите нации.
Тој посочи дека нападите на Хамас врз Израел од 7 октомври не се случија „во вакуум“ и нагласи дека палестинскиот народ е под окупација 56 години.