Германската полиција уапси осум членови на десничарска милитантна група осомничени дека планирале бунт против германската држава, соопштија денеска државните обвинители.
Во соопштението се наведува дека осомничените се дел од организацијата наречена „Саксонски сепаратисти“ која е формирана најдоцна до ноември 2020 година и дека четворицата уапсени се основачи на таа група.
Се додава дека станува збор за милитантна група од 15 до 20 членови со, како што се наведува, расистичка и антисемитска идеологија, пренесе Ројтерс.
Обвинителите тврдат дека групата планирала да употреби сила за да воспостави нов систем во источна Германија инспириран од нацизмот.
„Доколку е потребно, преку етничко чистење треба да се отстранат несаканите групи луѓе од тој простор“, се наведува во соопштението.
Се посочува дека седум членови на групата се уапсени во и во близина на Лајпциг, Дрезден и Мајсен, додека еден е приведен во Герлик во германската сојузна покраина Саксонија.