Директорот на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија на Обединетите нации (МААЕ), Рафаел Гроси денеска се сретна со жителите во областа на нуклеарната електрана Фукушима кои се загрижени во врска со безбедноста на планот на јапонската Влада за пуштање во океанот на прочистена радиоактивна вода од уништената нуклеарна централа Фукушима Даичи.
Во планот за испуштање радиоактивна вода од Фукушима, кој го одобри МААЕ, се наведува дека испуштањето вода ќе има незначително влијание врз животната средина.
Јапонските риболовни синдикати долго време се противат на планот и предупредуваат дека ќе ги поништи напорите за поправка на штетата нанесена на извозот на јапонски прехранбени производи поради стравувањата од радијација, иако Јапонија редовно тестира улов на риби и морски плодови фатени во областа Фукушима и вели дека тие се безбедни за консумирање.
„Централната Влада треба да разбере дека ние силно се спротивставуваме на планот за испуштање на водата од Фукушима во океанот“, изјави претседателот на Здружението на рибари во Фукушима, Тецу Нозаки на денешната средба на која учествуваше Гроси.
Гроси рече дека нема магично решение за сомнежите и грижите, но посочи дека МААЕ ќе биде со граѓаните во децениите што доаѓаат, додека и последната капка не биде безбедно испуштена.
Тој денеска ќе ја посети и уништената нуклеарна централа и на тоа место ќе отвори канцеларија на МААЕ, која ќе го надгледува последователното испуштање вода во следните 30 до 40 години.