Пребројувањето на гласовите ќе започне денеска на 14 отсто од избирачките места во Грузија, каде што проевропската опозиција ја обвинува владејачката партија за измама и „кражба“ на парламентарните избори, соопшти изборната комисија.
Властите „ќе извршат пребројување на гласовите на пет избирачки места во секоја изборна единица“, се вели во соопштението на комисијата.
Брисел и Вашингтон побараа од Тбилиси да отвори истрага за наводите за изборни нерегуларности. Несогласувачкиот глас во Европската унија, унгарскиот лидер Виктор Орбан, сепак, пристигна во Грузија вчера вечер за да ја покаже својата поддршка за владата која се соочува со овие обвинувања.
На покана на опозицијата и претседателот Саломе Зурабишвили, десетици илјади Грузијци синоќа мирно протестираа за да ги осудат резултатите од парламентарните избори кои ги доби проруската партија на власт од 2012 година.
Партијата Грузиски сон е обвинета од нејзините противници дека ја насочува земјата кон Москва и подалеку од Европската унија.
Претседателката Зурабишвили ги осуди „софистицираните“ методи на измама, слични, според неа, на оние што се практикуваат во Русија. „Многу е тешко да се обвини владата“, „но методологијата е руска“, рече проевропскиот шеф на државата во интервју за АФП. Четирите опозициски партии кои освоија пратенички мандати не ги признаваат изборните резултати и најавуваат бојкот на тоа тело.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков ги отфрли „неоснованите обвинувања“ и негираше какво било мешање на неговата земја во изборниот процес во Грузија.
Набљудувачите од Организацијата за безбедност и соработка во Европа во неделата рекоа дека забележале нерегуларности како што се купување гласови, заплашување гласачи и изборна измама кои можеби имале одредено влијание врз исходот, но тие не ги нарекоа изборите наместени.
Европската унија претходно ја повика Грузија брзо и транспарентно да ги истражи наводните неправилности. Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен рече дека САД се приклучија на повиците на набљудувачите за целосна истрага.