– Британската влада денеска ублажи делови од својот контроверзен предлог-закон за имиграција за да може да се гласа во Парламентот.
Предлог-законот за илегална миграција, кога ќе биде усвоен, ќе бара од официјалните лица да ги приведат и депортираат луѓето кои го преминуваат Ла Манш со мали чамци во Британија.
Владата направи одредени отстапки на противниците, отстранувајќи ја клаузулата со која би се применувала депортација на луѓе кои пристигнале дури и пред да стапи на сила законот. Владејачкото мнозинство, исто така, го намали времето за задржување на малолетниците без придружба во имиграциски притвор од 28 на осум дена.
Но, министрите сакаат Долниот дом да ги поништи повеќето промени на лордовите пред законот да се врати во Горниот дом.
Министерот за имиграција Роберт Џенрик рече дека лордовите треба „да размислат повторно“ и да ја почитуваат волјата на избраните пратеници.
Законот забранува барања за азил од секој кој нелегално пристигнува во Обединетото кралство, принудувајќи ги службениците да приведуваат и потоа да ги депортираат бегалците и мигрантите „во нивната матична земја или безбедна трета земја“, како што е Руанда. Откако ќе бидат депортирани, влезот во земјата повторно ќе им биде забранет.
Британската влада вели дека законот ќе ги одврати луѓето од опасни патувања преку Каналот и ќе ги уништи криминалните банди кои ги организираат патувањата.