Неколку улици во Менхетен, Њујорк, беа евакуирани за време на шпицот вчера наутро откако зграда во реновирање покажа знаци на уривање. Нема пријавено повредени.
„Два носечки столба се свиткаа, а подовите претрпеа повеќекратни пукнатини и вдлабнатини. Зградата останува нестабилна. Откако пристигнавме на местото на настанот, забележавме понатамошно движење на еден од ослабените столбови“, изјави градоначалникот Зохран Мамдани на прес-конференција.
„Ова е исклучително сериозна ситуација. Благодарен сум што можам да известам дека нема повредени и дека сите работници се евидентирани“, рече тој, додавајќи дека инженерите работат на планови за зајакнување на зградата.
Различни проценки на ризикот
Инвеститорот на зградата инсистира дека „не целата зграда е во опасност од уривање“, одговарајќи на коментарите од портпаролот на противпожарната служба на Њујорк.
Пожарникарите беа повикани откако почнаа да паѓаат тули. „По пристигнувањето, екипите открија дека два столба се свиткале на 21-ви и 22-ри кат. Подовите се повлекле помеѓу 21-ви и 26-ти кат“, се вели во соопштението на пожарникарите.
BREAKING: Midtown Manhattan high rise evacuated after construction workers discover buckled columns … sagging floors and falling bricks. 42nd & 43rd streets near 2nd avenue closed as DOB assesses the danger. pic.twitter.com/294MXBdkeY
— Steven Bognar (@Bogs4NY) July 7, 2026
Видеата споделени од градежните работници и добиени од АФП покажуваат свиткани столбови во зградата. Мобилизирани се околу 130 пожарникари и персонал за итна медицинска помош, а распоредени се и беспилотни летала.
Одделот за згради на градот Њујорк објави на Икс дека нивните „статичари се на лице место и истражуваат“.
Зградата се наоѓа во близина на Гранд Централ Терминал и седиштето на Обединетите нации. Зградата со 37 ката, порано седиште на фармацевтскиот гигант Фајзер, се претвора во зграда со луксузни станови како дел од голем проект за реконструкција.
Зградата од речиси 120.000 квадратни метри, чие завршување е предвидено на почетокот на 2027 година, ќе донесе околу 1.600 станови на пазарот за изнајмување, според инвеститорот. Тоа е најголемата пренамена од канцелариски простор во станбен простор некогаш извршена во Њујорк.