Руската армија објави дека погодила два американски системи за воздушна одбрана „Патриот“ во Украина, додека Киев го потврди нападот на ова скапо оружје, но ја минимизираше претрпената штета.
Украина има неколку системи „Патриот“ што и ги снабдуваат нејзините западни сојузници и ги користи за одбрана од секојдневното руско бомбардирање. Руските сили „погодија два системи Патриот“, објави руското Министерство за одбрана во дневниот извештај, без да прецизира кога тоа се случило.
Еден ден претходно, руската армија објави воздушна снимка на Телеграм на која наводно се гледа ракетен напад „Искандер“ врз системот „Патриот“ во областа Дњепропетровск во Украина, на истокот на земјата.
Според тој извор, еден фрлач на системот Патриот бил уништен, а другиот е оштетен. АФП не можеше да ги потврди тврдењата или автентичноста на видеото.
Russian Iskander missile strike on Ukrainian Patriot air defence system.
AN-MPQ-53 radar and a launcher seems to have been hit.
Patriots fired missiles on approaching Iskanders, but they seem to have failed. pic.twitter.com/EKEwPXZv30
— Clash Report (@clashreport) October 9, 2024
Портпаролот на украинските воздухопловни сили Јуриј Игнат потврди денеска дека системот од ваков тип бил погоден од руски напад вчера во областа Дњепропетровск.
„Непријателот оштети само неколку парчиња опрема, но не ги уништи“, тврди тој во објава на Фејсбук. Истиот систем продолжува да ги извршува задачите во регионот, додаде.
Како што рече, тој систем пресретнал неколку руски балистички ракети. Ова е редок официјален коментар за патриотите. Украина ги чува во тајност речиси сите информации за ова оружје, почнувајќи од нивниот вкупен број.
„Патриотските системи за непријателот се една од најприоритетните цели“ затоа што тоа е единственото средство со кое Украина „ја задржува руската авијација“ која лансира проектили на одредена далечина, додава Игнат.
Овој моќен систем за противвоздушна одбрана првпат беше испорачан на Украина во пролетта 2023 година за да и овозможи поефективно да ги брани своите градови и енергетската инфраструктура.
Украински воен блогер, повикувајќи се на украинските воздухопловни сили, на Телеграм рече дека нападот се случил во Павлоград, град во регионот Дњепропетровск во кој се наоѓа воена фабрика, но дека штетата „не е критична“ и дека системот се уште е „ оперативен“.
Системот „Патриот“ е распореден во оваа област за заштита на регионот Дњепропетровск и градот Запорожје од проектили на руски авиони, рече тој.
Во јуни, украинскиот претседател Володимир Зеленски се обиде да ги убеди сојузниците дека на неговата земја и се потребни најмалку седум дополнителни системи Патриот, вклучително и два за одбрана на регионот Харков во североисточниот дел на земјата, кој тогаш беше цел на руска офанзива од почетокот на мај.