(Видео) Русија изврши еден од најголемите напади врз украинскиот енергетски сектор, вели Зеленски


screenshot-2026-10-17-115131.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Русија нападнала повеќе од 15 клучни објекти за производство и пренос на електрична енергија во различни делови на Украина, во еден од најголемите напади врз енергетскиот сектор од почетокот на војната, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во нападите биле употребени повеќе од 320 дронови „Шахед“, крстосувачки и балистички ракети, како и беспилотни летала со погон на млазни и бензински мотори.


Според Зеленски, најтешка е состојбата во Луцк, Ривне, Житомир, Виница, Шепетивка, Славута и Нетишин. Погодени биле и енергетски објекти во Харковската, Киевската и Днепропетровската област, како и во други региони.

Украинскиот претседател наведе дека нападите биле извршени во периодот од 19 часот вчера до 7 часот утрово. Иако украинската противвоздушна одбрана соборува значителен број од проектилите и дроновите, интензитетот и континуираниот карактер на нападите предизвикуваат сериозни последици врз енергетскиот систем.

„Русите ја засилија операцијата против нашиот енергетски сектор и се обидуваат максимално да ги исцрпат нашите резерви и капацитетите за поправки“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.

Тој соопшти дека обновувањето на снабдувањето со електрична енергија е во тек, а во работата се вклучени сите надлежни служби и расположливите ресурси на украинските енергетски компании. Зеленски им се заблагодари на работниците и екипите кои, како што наведе, работат речиси непрекинато за да ја вратат електричната енергија.

Украинскиот претседател истовремено повика на поголема поддршка од западните сојузници, наведувајќи дека европските партнери веќе подготвиле нови пакети помош за Украина.

Тој ја критикуваше и одлуката на американската администрација да не го активира Законот „Линдзи Греам“, за кој рече дека можел да обезбеди поефикасен притисок врз Русија со цел завршување на војната.

Зеленски оцени дека Москва се обидува да предизвика целосен прекин на снабдувањето со електрична енергија непосредно пред зимата, оставајќи милиони Украинци без струја и греење. Според него, ублажувањето на санкцискиот притисок врз Русија само го охрабрува рускиот претседател Владимир Путин да продолжи со нападите.

„Потребен е притисок за да се запрат нападите. Мораме да продолжиме да работиме на завршување на војната, а не да му даваме на Путин причини да ја продолжува на неопределено време“, порача Зеленски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK