Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтеровата скала е регистриран во 11:35 часот во областа Санторини.
Епицентарот на земјотресот повторно бил во близина на селото Оја, на 25 километри североисточно.
CCTV footage of 5.1 Earthquake in Santorini, Greece
February 04, 2025 #sismo #temblor #Santorini pic.twitter.com/SstljG0iLK— Disasters Daily (@DisastersAndI) February 5, 2025
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 14 километри под површината на земјата.
Ова подрачје од утрово е погодено од најмалку 30 земјотреси посилни од 3 степени според Рихтеровата скала, додека од утринава ова е трет земјотрес со јачина над 4 степени според Рихтеровата скала.
Првиот земјотрес со јачина од четири степени е регистриран утрово во 4 часот и 16 минути, со епицентар на 18 километри од Аркесини на Аморгос, на длабочина од 10,8 километри, јави „Прототема“.
Вториот земјотрес со јачина од 4,3 степени се случил пет минути подоцна, со епицентар на 17 километри од Аркесини, на длабочина од 11,8 километри.
Поради постојаната сеизмичка активност, засилени се силите на противпожарните единици на Јужен Егеј, а мобилниот оперативен центар „ОЛИМПОС“ пристигна во Санторини со дополнителни екипи, вклучувајќи кучиња за спасување и дронови.
Вкупно 51 пожарникар и девет возила се распоредени на островот, додека слични сили беа испратени на други острови како Аморгос, Јос и Наксос, каде што хеликоптерот на противпожарната служба е во подготвеност.
Грчкиот весник пишува дека улиците на Санторини се празни и дека наликуваат на времето на пандемијата на коронавирусот.
Илјадници жители и туристи продолжуваат да го напуштаат островот, а бројни улици на Санторини се затворени со полициски ленти, за да не се загрози безбедноста на граѓаните.
Санторини е исто така во состојба на готовност бидејќи локалните власти се загрижени поради кражби, по заминувањето на приближно 11.000 жители кои ги напуштија своите домови.
Полициските сили беа ставени во состојба на готовност, со интензивни патроли и блокади на патиштата, во обид да спречат евентуални упади.
Многу училишта на островите Киклади, вклучувајќи ги Миконос, Наксос, Парос, Патмос и Лерос, ја прекинаа наставата поради можна закана од дополнителни земјотреси.
Апликацијата на Министерството за дигитална администрација MiSaFeTiPlan, која покажува каде во државата има отворени простори каде жителите од тие области можат да најдат безбедно засолниште во случај на природни катастрофи, од денеска е достапна за корисниците на Интернет.
Професорот по сеизмологија и поранешен претседател на Грчкото здружение на експерти за земјотреси Димитрис Папаниколау утринава изјави дека очекува силен земјотрес со јачина од шест степени според Рихтеровата скала.
„Требаше да внимаваме да не градиме на падините. Доколку се случи земјотрес со јачина од шест степени според Рихтеровата скала, најверојатно ќе се откинат големи парчиња и ќе имаме слични последици за зградите“, рече тој.