(Видео) Немири на аеродром во Русија, толпа го блокираше авионот од Израел

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Аеродромот во Махачкала во Дагестан вчера беше привремено затворен поради упад на непознати лица по најавата за пристигнување на летот од Израел, а на местото беа распоредени безбедносни сили, соопшти руската агенција за воздушен транспорт (Росавијација).



„Поради упад на непознати лица во сообраќајниот дел на аеродромот во Махачкала, одлучено е привремено да се затвори за влезни и појдовни летови“, соопшти Росавијација, додавајќи дека „полициските сили се на местото на настанот“.

Група мажи вчера упаднаа на пистата и зградата на аеродромот во Махачкала, главниот град на Дагестан, руска република со мнозинско муслиманско население, по најавата за пристигнување на авион од Израел. Според „Известија“ и „РТ“, мажите дошле до покривот на зградата и на пистата. На видеата објавени на Телеграм, се гледаат десетици мажи како уриваат огради, се обидуваат да ги контролираат автомобилите што излегуваат од аеродромот и ги кршат вратите во зградата.

Друго видео покажува човек кој стои на крилото на авионот на руската Ред Вингс. Според специјализираната веб-страница Флајтрадар, авионот на компанијата кој полета од Тел Авив слета во Махачкала во 19 часот по локално време. Рускиот независен весник „Сота“ пишува дека авионот требало да го продолжи патувањето кон Москва.

Пред да влезат во зградата на аеродромот, неколку демонстранти се обидоа да ги проверат пасошите на луѓето додека излегуваа од аеродромот, барајќи израелски државјани.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху реагираше на ситуацијата на аеродромот и ги повика руските власти да ги заштитат израелските граѓани.

„Очекуваме руските органи за спроведување на законот да ја заштитат безбедноста на сите израелски граѓани и Евреи, каде и да се“, соопшти Канцеларијата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е и самиот Евреин, исто така го коментираше инцидентот, нарекувајќи го застрашувачки.

Во соопштението за медиумите од Министерството за надворешни работи во Ерусалим, се наведува дека израелскиот амбасадор во Москва е во контакт со руските власти. „Израел очекува руските тела за спроведување на законот да ги заштитат сите израелски граѓани и Евреи, кои и да се тие, и да преземат строги мерки против бунтовниците и против неконтролираното поттикнување насочено кон Евреите и Израелците“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Руските органи на прогонот доцна вечерта објавија дека сите „неовластени граѓани“ се отстранети од аеродромот во Махачкала и дека ситуацијата е под контрола. Воздухопловните власти соопштија дека аеродромот во Махачкала ќе остане затворен до 6 ноември.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK