Властите во источна и јужна Шпанија ги затворија училиштата и почнаа да евакуираат делови од населението, бидејќи обилните дождови повторно ја погодија земјата, две недели по катастрофалните поплави во кои загинаа најмалку 215 луѓе и предизвикаа политички спор со меѓусебни обвинувања.
Утрово државната метеоролошка агенција „Аемет“ објави портокалово предупредување за поголемиот дел од источна и јужна Шпанија, додека највисоко ниво на предупредување беше издадено за провинциите Тарагона во Каталонија и Малага во Андалузија.
Владата на Андалузија ги затвори училиштата во провинциите Малага и Гранада, а 3.000 луѓе беа евакуирани од населбите во близина на реката Гвадалхорсе во провинцијата Малага. Брзиот железнички превоз меѓу Малага и Мадрид беше прекинат попладнево.
Каталонските власти ги повикаа жителите да бидат „максимална претпазливост“, додека регионалната влада на Валенсија, која беше критикувана за справувањето со претходната катастрофа, ги советуваше општините во погодените области да ги затворат училиштата и препорача луѓето да работат од дома.
Más imágenes del evento tornádico frente a la costa de #Marbella, hace escasos minutos.pic.twitter.com/v1h8zcevJB
— Storm Málaga (@Storm_Malaga) November 13, 2024
Во текот на денот, „Аемет“ го крена предупредувањето за провинцијата Валенсија од портокалово на црвено.
„Опасноста е екстремна“, објави Аемет на платформата „Икс“.
„Избегнувајте движење бидејќи реките може да се поплават. Бидете многу внимателни!“, беше предупредено дека во областа може да паднат 180 литри вода на метар квадратен во рок од четири до пет часа.
Иако ова невреме не се очекува да биде силно како претходното, последиците би можеле да бидат сериозни поради големото количество кал на теренот и оштетениот одводен систем.
Речиси 20.000 припадници на армијата и полицијата се уште се вклучени во расчистувањето во Валенсија, која беше најтешко погодена од поплавите пред две недели.
Victoria Street, Malaga, Spain….pic.twitter.com/KmjXrqCRpm
— Volcaholic 🌋 (@volcaholic1) November 13, 2024
Општина Чива, една од најтешко погодените области, ги откажа часовите и спортските активности додека работниците во блиската Алдаија положија вреќи со песок за да го заштитат градот.
„Ставаме вреќи со песок“, изјави за Ројтерс комуналниот работник Антонио Оједа.
Продолжува потрагата по телата на 23 лица кои се’ уште се водат за исчезнати по поплавите во октомври. Утрово спасувачите ги пронајдоа телата на два помали браќа кои беа однесени од поплава во градот Торент во Валенсија. Рубен Матиас Калатајуд, три години и Изан Матиас Калатајуд, пет години.
Поплавите, кои се најголемата природна катастрофа во поновата историја на Шпанија, доведоа до судири меѓу регионалните и локалните власти и голем протест минатиот викенд.