(Видео) Луѓето држеа манијак со нож во Ирска додека не дојде полицијата: „Се подготвуваат нови немири“

Видео-Луѓето-држеа-манијак-со-нож-во-Ирска-додека-не.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Петгодишно девојче останува во критична состојба во болница по вчерашниот напад со нож пред училиште на плоштадот Парнел во Даблин. Во нападот се повредени уште две деца и нивната наставничка.


Шестгодишното девојче, второто нападнато, има повреди на главата и ќе треба операција, додека петгодишното момче кое се здобило со полесни физички повреди е пуштено од болница, јавуваат ирските медиуми.

Во тешка состојба во болница е и нивната наставничка. Ранет е и напаѓачот кој утрово е под стража во болница. Инаку, децата во Ирска почнуваат основно училиште на петгодишна возраст.

Да потсетиме, вчера околу 13:00 часот децата стоеле пред училиштето на плоштадот Парнел, во центарот на Даблин, кога дошол маж и ги нападнал со нож.

Петгодишно девојче било избодено и тешко повредено и итно е пренесено во болницата на улицата Темпл. Нападнати биле и другите две споменати деца – момче и девојче на возраст од пет и шест години, кои биле полесно повредени. Нивната наставничка се нафрлила на напаѓачот во обид да ги одбрани, но била избодена и тешко повредена.

Полицијата засега официјално не проговори за мотивите на нападот, ниту јавно го соопшти идентитетот на напаѓачот.

Ирски „Индипендент“ објави дека напаѓачот е маж кој во последните години живеел на различни адреси во Даблин, долги години живеел во Ирска и има ирско државјанство, но не е роден таму. Медиумите пишуваат и дека првите резултати од истрагата покажуваат дека тој не бил поврзан со училиштето во кое оделе децата.

Очевидец на ирските медиуми им опишал дека минувал во моментот на нападот и дека веднаш слегол од велосипедот и го удрил напаѓачот со кацигата. За да го совлада му помогнале и други граѓани кои успеале да го врзат додека полицијата и итната помош не пристигнале на местото на нападот.

Хаос вчера вечер владееше на улиците во Даблин откако незадоволните граѓани излегоа на протест. Запалени се најмалку еден полициски автомобил и автобус, запрен е целиот трамвајски и автобуски сообраќај. Толпата дивееше низ улиците од 17 часот до доцна во ноќта, а поединци го искористија моментот на хаос и ги ограбија околните продавници.

Шефот на ирската полиција, Дру Харис, вчера ја обвини за немирите, како што рече, целосно лудачка фракција водена од екстремно десничарската идеологија. Првично, полицијата соопшти дека е уверена дека прободувањето не е поврзано со тероризам, но на вечерашната прес-конференција рече дека дефинитивно не е исклучен терористичкиот мотив.

Харис утринава повторно одржа прес-конференција на која потврди дека 34 лица се уапсени поради синоќешните настани.

Значително се оштетени и ограбени 13 продавници, уништени се 11 полициски возила, три автобуси и еден трамвај Луас“, рече тој.

„Бесната толпа се обиде да упадне и да го попречи местото на злосторството додека полицијата вршеше истрага“, додаде тој.

Харис вели дека единиците за спроведување на законот од цела Ирска биле распоредени како одговор на хаосот во Даблин.

„Полицајците не можеа да предвидат дека реакцијата на нападот со нож ќе биде толку голема. Демонстрантите беа полни со омраза и ќе ни треба фундаментален преглед на тактиката на јавниот ред“, рече началникот на ирската полиција.

„Она што го видовме синоќа беше исклучителна експлозија на насилство. Вакви сцени не сме виделе со децении. Полицијата очекува нови немири и правиме проценки како да одговориме“, додаде тој.

Еден полицаец, исто така, беше сериозно повреден за време на дивеењето на толпата, откри Харис. Тој вели дека има многу повредени полицајци, а во моментов се утврдува тежината на нивните повреди. „Ќе бидам во контакт со полицајците во текот на денот. Ова беше исцрпувачка ноќ за целиот наш персонал“, додаде тој.

Харис на прес-конференцијата постојано го бранеше полицискиот одговор на хаосот, велејќи дека ќе следат уште апсења.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK