Во Канада беснеат пожари, поради што во некои делови од земјата е прогласена вонредна состојба. Премиерот на Британска Колумбија објави вонредна состојба, велејќи дека локалните власти се соочуваат со најлошата сезона на шумски пожари досега, додека илјадници луѓе се евакуирани од градовите источно од Ванкувер.
„Во последните 24 часа ситуацијата брзо се разви и се соочуваме со исклучително предизвикувачка ситуација во наредните денови“, изјави синоќа премиерот на Ванкувер Дејвид Еби, пишува Гардијан.
Пожарникарите се борат со неконтролираниот шумски пожар во Мекдугал Крик кој изгоре 10.500 хектари шума во ридовите и планините над градот Западен Келоун, принудувајќи илјадници луѓе да се евакуираат. Западен Келоун, град со 36.000 жители, се наоѓа на 300 километри источно од Ванкувер.
Евакуации беа извршени и во блискиот Келоун, град со околу 150.000 жители лоциран отаде езерото Оканаган.
Евакуацијата следуваше откако властите посеверно во регионот на северозападните територии соопштија дека се проценува оти повеќе од 19.000 луѓе се евакуирани поради шумските пожари кои му се закануваат на градот Јелоунајф.
Противпожарните екипи работат деноноќно да спречат ширење на пожарот и испуштаат вода од воздух за да го заштитат градот со 20.000 жители. Облачноста и ниските температури вчера го забавија пожарот западно од Јелоунајф, соопштија пожарникарите.
Се проценува дека околу 4.000 луѓе се префрлени со хеликоптер, а денеска се можни повеќе летови доколку временските услови дозволат.
Канада минува низ својата најлоша сезона на шумски пожари досега, со повеќе од 1.000 активни пожари кои горат низ целата земја, вклучително и 236 во северозападните територии. Во пожарите изгореа повеќе од 2 милиони хектари земја, а повеќе од половина од населението во регионот е под наредба за евакуација.
Официјалните лица рекоа дека следните 24 до 48 часа би можеле да бидат најтешките.
city last night pic.twitter.com/4qirEYUeb5
— Aleks (@aleksliving) August 18, 2023