Пет лица загинаа кога мал авион, по полетувањето од аеродромот во Феникс, се урна и удри во возило, соопшти американската полиција.
Авионот се урнал во вторникот при полетување од аеродромот Фалкон Филд во Меса, недалеку од Феникс во американската сојузна држава Аризона, се наведува во соопштението на локалната полиција, пренесува АП.
Авионот удрил во возило пред аеродромот во 16 часот и 40 минути по локално време, соопшти американската Федерална управа за авијација.
Потврдено е дека пет лица загинале на лице место, соопшти полицијата.
Властите објавија дека во авионот имало пет лица, но не прецизираа дали сите загинале или дали можеби меѓу жртвите имало и некој во возилото во кое удрил авионот, јавува АП.
Засега нема подетални информации за овој инцидент, а истрагата од американските надлежни органи е во тек.