Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека гледа „обиди за дестабилизација“ на Србија во студентските протести во Србија, кои траат по уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад.
„Гледам обид за дестабилизација на Србија и колку што јас разбирам, тој доаѓа не само од внатре, туку и од надвор“, рече тој во интервју за РТС.
Според него, во интерес на Унгарија е Србија да остане стабилна.
„Ова е добро за Унгарците кои живеат во Србија и за Унгарија поради соработката меѓу двете земји“, додавајќи дека Будимпешта „има доверба во владејачката коалиција во Србија и се надева дека обидот за дестабилизација нема да успее“.
Тој рече дека Србија е најсилната земја на Западен Балкан и дека Унгарија смета дека е во интерес на Европската унија Србија да биде нејзина членка.
„Тоа би била добра вест за Унгарија“, рече тој.