Новата унгарска министерка за надворешни работи, Анита Орбан, најави пресврт во надворешната политика на Будимпешта.
Во пресрет на денешниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, таа изјави дека нејзината земја повеќе нема да го користи правото на вето како инструмент за уцена и дека ќе работи на обнова на довербата кај партнерите во Европската Унија и НАТО, пишува Украинска Правда.
Орбан нагласи дека Унгарија „премногу често стануваше пречка во европскиот процес на донесување одлуки“.
„Ветото не го користевме како последна мерка, туку за политички ПР“, порача таа.
Што се однесува до Украина, Орбан појасни дека Будимпешта ќе ја поддржи нејзината понатамошна интеграција во ЕУ исклучиво врз основа на „стриктен национален интерес“. Таа додаде дека Унгарија ќе продолжи да бара дополнителни права за унгарското малцинство во Украина.
Овие изјави доаѓаат по промената на власта во Унгарија. На изборите беше поразен Виктор Орбан, кој владееше со Унгарија 16 години.
Петер Маѓар, лидерот на донеодамна опозициската партија Тиса, завчера положи заклетва и официјално ја презеде функцијата. Пред тоа, на конститутивната седница на парламентот беше избрана нова претседателка, а една од нејзините први одлуки беше враќање на знамето на Европската Унија на зградата на парламентот.