Припадниците на украинските специјални сили вчера заробија севернокорејски војник во борбите со руските сили во областа Курск. Оваа информација доцна синоќа се прошири преку проукраинските канали на социјалните мрежи, а утринава ја потврди и јужнокорејската разузнавачка агенција.
Се верува дека војникот е првиот севернокорејски воен затвореник заробен од декември, кога Пјонгјанг испрати свои војници во Русија за да помогнат во војната против украинските трупи во рускиот регион Курск.
Потврдата од Јужна Кореја дојде откако на Телеграм кружеше фотографија на која очигледно се гледа ранет и заробен севернокорејски војник. Северна Кореја испрати повеќе од 10.000 војници за да и помогне на Русија, тврдат Киев и Сеул, иако ниту Москва ниту Пјонгјанг не го потврдија или негираа нивното присуство.
„Ова е прво фаќање“, изјави за Би-Би-Си Јанг Ук, научен соработник во Азискиот институт за политички студии. За Украинците е покорисно да ги фатат овие севернокорејски војници и да се обидат да ги разменат со Русите за украински воени заробеници.
Неодамнешните фотографии кои се појавија од руско-украинската војна ги потврдија шпекулациите дека „севернокорејските сили ќе бидат испратени на фронтот од руската команда во голем број“, додаде Јанг. Тој исто така додаде дека „ќе биде тешко да се докаже нивната севернокорејска националност“.
Украинските сили велат дека на севернокорејските војници им биле издадени лажни руски лични карти, а украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно овој месец тврдеше дека руски војници биле видени како ги палат лицата на севернокорејците кои загинале во борба, наводно за да го сокријат нивниот идентитет.
Повеќе од 3.000 севернокорејски војници се убиени или ранети во борбите во областа Курск во Русија, изјави Зеленски во понеделникот. Тој додаде дека соработката меѓу Москва и Пјонгјанг го зголемува „ризикот од дестабилизација“ околу Корејскиот полуостров.
Русија започна сеопфатна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Неодамнешното распоредување на севернокорејски трупи во Русија е знак за растечкиот сојуз меѓу двете земји.
Кина, долгогодишен сојузник на двете страни, исто така внимателно ја следи ситуацијата.