Украинската војска денеска потврди дека борбен авион Ф-16 се урнал при приближување кон цел за време на руски напад во понеделникот, а пилотот загинал во инцидентот.
„Комуникацијата со еден од авионите беше изгубена додека се приближуваше до следната цел. Како што се испостави подоцна, авионот се урнал, пилотот загинал“, се вели во соопштението на украинскиот Генералштаб.
Украинската армија додаде дека четири руски проектили биле соборени од воздушно оружје, пренесува Ројтерс.
Претходно денеска, неименуван украински извор изјави за Си-ен-ен дека пилотот Алексеј Мес загинал во несреќа додека го „одбивал најголемиот руски воздушен напад“ врз Украина.
Претседателот Володимир Зеленски во вторникот рече дека украинските воздухопловни сили користеле Ф-16 за уништување ракети и беспилотни летала лансирани од Русија во понеделникот, што е прв пат некој украински официјален претставник да потврди дека авионите се користат во борба.