– Полицијата во Кенија денеска уби шест демонстранти за време на новите протести поради зголемувањето на цените, изјави полициски претставник, пренесуваат американските медиуми.
Според претставници на здравствените служби, солзавец бил испукан врз повеќе од 50 ученици во главниот град Најроби.
Полициски службеник кој сакаше да остане анонимен, изјави дека три лица се убиени во градот Млолонго, две во градот Китенгела во близина на Најроби, додека едно лице е убиено во градот Емали, на автопатот кон пристаништето Момбаса. Истиот извор вели дека 10 лица се хоспитализирани.
Претседателот Вилијам Руто беше избран минатиот август на основа на платформата за помош на сиромашните работници во Кенија, но неговите критичари велат дека зголемувањето на даноците што го потпиша минатиот месец ќе ја продлабочи кризата за сиромашните во земјата, кои веќе се борат да си дозволат основни производи како пченкарно брашно.
Најмалку шест лица беа убиени минатиот петок за време на протестите што ги повика лидерот на опозицијата Раила Одинга. Одинга денеска ја осуди реакцијата на полицијата и го откажа собирот во Најроби планиран за попладнево.
-Со цел да го заштитиме нашиот народ и да спречиме повеќе повреди и загуби на животи, донесовме стратешка одлука да не продолжиме, рече Одинга.