Израелската полиција уапси американски турист во Музејот на Израел во Ерусалим, откако тој фрлил уметнички дела на подот, оштетувајќи две римски статуи од вториот век.
Полицијата го идентификуваше осомничениот како радикален 40-годишен американски Евреин кој дошол како турист. Првичните сослушувања на осомничениот сугерираат дека тој ги оштетил статуите бидејќи ги сметал за „идолопоклоници и спротивни на Тора“, соопшти полицијата.
Адвокатот на осомничениот Ник Кауфман негираше дека обвинетиот дејствувал од религиозен фанатизам, но дека боледува од ментално растројство кое психијатрите го нарекуваат „Ерусалимски синдром“.
Тоа е форма на дезориентација за која се верува дека е предизвикана од религиозниот магнетизам на градот, кој е свет за христијаните, Евреите и муслиманите и наводно ги наведува странските аџии да веруваат дека се фигури од Библијата, пишува АП.
На пријавениот му е наредено психијатриско вештачење.
Музејот на Израел, кој изложува археолошки артефакти, уметнички дела, еврејска уметност и живот, го карактеризира вандализмот како „вознемирувачки и необичен настан. Во соопштението на музејот се осудуваат сите форми на насилство и се изразува надеж дека вакви инциденти нема да се повторат.