Пресудата против Доналд Трамп за фалсификување информации за прикривање на секс скандал сè уште стои, одлучи судијата Хуан Мерчан, отфрлајќи го аргументот на новоизбраниот претседател на САД дека неодамнешната одлука на Врховниот суд ја поништи таа пресуда, покажа судската пријава.
Адвокатите на Трамп тврдеа дека постоењето на случајот за време на неговото претседателствување ќе пречи во неговата способност да владее. Казната требаше првично да му биде изречена на 26 ноември, но Мерчан ја одложи на неодредено време откако Трамп ја победи демократската противкандидатка Камала Харис на изборите на 5 ноември.
Така, во судската одлука се наведува дека „јасно личните дејствија на Трамп за фалсификување деловни документи не претставуваат закана за навлегување во авторитетот и функцијата на извршната власт“. Адвокатот на Трамп не одговори веднаш на барањето за коментар.
Случајот произлезе од исплата на 130.000 долари од поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, на актерката од филмови за возрасни Сторми Даниелс. Таа сума и беше платена пред изборите во 2016 година за да не зборува за сексуален контакт со Трамп, за кој рече дека се случил една деценија порано, а тоj негира.
Поротата на Менхетен во мај го прогласи Трамп за виновен по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни книги за да ги прикрие плаќањата. Тоа беше првпат кој било американски претседател, минат или сегашен, да биде осуден или обвинет за кривично дело. Трамп се изјасни за невин, велејќи дека тоа е обид на обвинителот Брег, кој е демократ, да ја попречи својата кампања во 2024 година.