Соединетите Држави и Иран започнуваат директни разговори за нуклеарната програма на Техеран, рече американскиот претседател Доналд Трамп во ненадејна изјава откако иранските власти претходно ги отфрлија повиците за такви разговори.
Иран се спротивстави на заканите на Трамп дека ќе ги бомбардира доколку не преговараат директно за нивната нуклеарна програма, иако тој ја остави отворена вратата за индиректни дискусии.
„Водиме директни преговори со Иран и тие ги започнаа. Имаме многу голем состанок во сабота и ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека сите се согласуваат дека би било подобро да се постигне договор“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба за време на разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е во посета на Вашингтон.
Предупредувањата на Трамп за можна воена акција против Иран ги разнишаа веќе затегнатите односи низ Блискиот Исток по отворената војна во Газа и Либан, воените напади врз Јемен, промената на раководството во Сирија и израелско-иранската размена на оган.
Трамп рече дека повеќе би сакал договор за иранската нуклеарна програма отколку воен конфликт. Тој додаде дека на 7 март му пишал на врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи да предложи разговори.
Иранските власти тогаш изјавија дека Техеран нема да биде принуден на преговори.
За време на неговиот прв мандат, Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот меѓу Иран и светските сили со кој беа поставени строги ограничувања на спорните нуклеарни активности на Техеран во замена за олеснување на санкциите. Трамп, исто така, повторно воведе опсежни американски санкции кон Иран.
Оттогаш, Иран далеку ги надмина границите на тој договор за збогатување ураниум.
Западните сили го обвинуваат Иран за таен план за развој на способност за нуклеарно оружје со збогатување на ураниум до ниво надвор од она што тие велат дека е оправдано за цивилна програма за атомска енергија.
Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма се развива целосно за цивилни енергетски цели.