Претседателот на САД, Доналд Трамп рече дека би ја прифатил одлуката за домашен притвор или одење во затвор, откако поротата во Њујорк го прогласи за виновен по 34 точки минатата недела, но тој смета дека јавноста тешко ќе го прифати тоа.
„Не сум сигурен дека јавноста би го прифатила тоа лесно“, рече републиканскиот претседателски кандидат во интервју за Фокс њуз во неделата.
„Мислам дека би било тешко за јавноста да го прифати тоа. Знаете, во одреден момент има пресвртна точка“.
Трамп не појасни што мисли дека би можело да се случи доколку се достигне таа пресвртна точка
На прашањето што треба да направат поддржувачите на Трамп ако тој заврши во затвор, копретседателката на Републиканскиот национален комитет Лара Трамп изјави за Си-Ен-Ен: „Па, тие ќе го направат она што го правеа од почетокот – треба да останат смирени и да протестираат на гласачките места на 5-ти ноември нема што да правиме. Не ни останува ништо повеќе освен вашиот и нашиот глас да се слушне јасно и гласно и да се зборува за ова“.
Трамп не се обиде да ги мобилизира своите поддржувачи како во 2020 година кога се бунтуваше затоа што ги загуби изборите, што беше проследено со напад од неговите поддржувачи на 6 јануари 2021 година во седиштето на законодавната власт, Капитол.
Републиканскиот национален комитет (РНЦ) и учесниците во кампањата на Трамп собраа 70 милиони долари 48 часа по пресудата, рече Лара Трамп.
Трамп рече дека има намера да поднесе жалба на одлуката на поротата во Њујорк, која го прогласи за виновен за 34 кривични дела. Но, се чини малку веројатно дека работата ќе се реши пред претседателските избори во ноември, кога Трамп ќе се обиде да се врати во Белата куќа и да го победи актуелниот демократски претседател Џо Бајден.
Анкетите покажуваат тесен јаз меѓу двајцата кандидати и сугерираат дека пресудата сепак може да му наштети на Трамп.
Адвокатот на Трамп, Вил Шарф, за оваа недела на ABC News рече дека не очекува „Трамп да добие некаква казна“ и дека планира да поднесе жалба до Врховниот суд.