Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека верува оти неговата администрација може да придонесе за завршување на конфликтот во Украина, во време кога Вашингтон најавува нова рунда дипломатски разговори со Москва и Киев.
„Мислам дека ќе го постигнеме тоа“, рече Трамп во интервју за британската телевизија „GB News“, зборувајќи за изгледите за постигнување мировен договор.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, најави дека претставници на преговарачкиот тим на Трамп ќе одржат нови состаноци во Москва и Киев во наредните денови. Според него, се очекува да продолжат интензивните контакти насочени кон наоѓање решение за конфликтот.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, претходно објави дека специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер се целосно фокусирани на преговори за мировни договори, вклучително и напорите за завршување на војната во Украина.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, исто така, посочи на можноста за продолжување на разговорите. Тој рече дека Москва не одбива да го продолжи дијалогот со Вашингтон преку Виткоф и Кушнер, но нагласи дека ќе биде клучно за руската страна какви конкретни предлози ќе донесат американските претставници во Москва.
Неодамна, Виткоф и Кушнер ги засилија своите дипломатски активности во врска со Украина, а најавените разговори во двата главни града треба да покажат дали има простор за приближување на ставовите на страните. Вашингтон, сепак, сè уште не ги објави деталите за евентуалниот мировен предлог или точните датуми на претстојните состаноци.