Актуелниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека Европската унија мора да се согласи да купи американска енергија во вредност од 350 милијарди долари ако сака да ги избегне широките царини наметнати од неговата администрација.
Така тој ја отфрли понудата на Брисел за укинување на царините за автомобили и индустриски стоки.
Вчера вечерта, на прес-конференција во Белата куќа, Трамп реагираше на изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која претходно истиот ден рече дека ЕУ е подготвена да ги укине сите царини за увоз на автомобили и индустриски производи од САД, доколку Вашингтон го стори истото.
Запрашан од новинарите дали смета дека таа понуда е доволна за да се намалат тарифите, Трамп рече: „Не, не е“.
„Имаме дефицит од 350 милијарди долари со Европската унија и тој брзо ќе исчезне“, рече Трамп. „Еден начин тоа брзо и едноставно да исчезне е тие да мораат да ја купуваат нашата енергија… ако ја купат, можеме да ги извадиме тие 350 милијарди за една недела. Тие мора да купат и да се обврзат да купат еднаква вредност на енергија“.
Фон дер Лајен ја даде понудата откако Трамп минатата недела воведе царини од 20 отсто за производите на ЕУ, како и најмалку 10 отсто за стоки од други трговски партнери. Како одговор, глобалните пазари загубија трилиони долари, а европските берзи во понеделникот го забележаа својот најголем еднодневен пад од почетокот на пандемијата со „Ковид-19“.