Новоизбраниот претседател Доналд Трамп изјави дека од поранешната републиканска кандидатка за претседател, Ники Хејли и од поранешниот државен секретар Мајк Помпео нема да биде побарано да се приклучат на неговата администрација.
„Нема да ја поканам поранешната амбасадорка Ники Хејли или поранешниот државен секретар Мајк Помпео да се приклучат на администрацијата на Трамп, која во моментов се формира“, објави Трамп на социјалните мрежи. „Многу уживав и ја ценав работата со нив во минатото и би сакал да им се заблагодарам за нивната услуга за нашата земја“.
Трамп се среќава со потенцијалните кандидати кои ќе служат во неговата администрација пред неговата инаугурација како претседател на 20 јануари. Ројтерс во петокот објави дека Трамп се сретнал со истакнатиот инвеститор Скот Бесант, кој е потенцијален кандидат за министер за финансии на САД, пишува „Гласот на Америка“.
Хејли, поранешна гувернерка на Јужна Каролина, која служеше како амбасадор на САД во Обединетите нации за време на Трамп, го поддржа Трамп за претседател и покрај тоа што жестоко го критикуваше кога се кандидираше против него на прелиминарните избори на партијата.
Помпео, кој исто така служеше како директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) за време на Трамп, беше споменуван во некои медиумски извештаи како можен секретар за одбрана, а исто така се сметаше за потенцијален републикански претседателски кандидат, пред да објави во април 2023 година дека нема да се кандидира.
Хејли и Помпео не можеа да бидат контактирани за коментар во саботата, пренесува медиумот.
За време на неговиот прв претседателски мандат, Трамп даде некои клучни кадровски најави преку објави на социјалните мрежи.
Одделно, Трамп рече дека со претседателската инаугурација во 2025 година ќе претседаваат инвеститорот на недвижности и донатор на кампањата Стив Виткоф и поранешната сенаторка Кели Лофлер.