Шефот на американската Агенција за национална безбедност (НСА) Тимоти Хоф е сменет, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на двајца сегашни и еден поранешен американски функционер.
Тимоти Хоф, кој исто така ја предводеше американската сајбер команда (USCYBERCOM), беше сменет заедно со неговата заменичка Венди Нобл, објави весникот.
Според „Вашингтон пост“, Нобл е префрлена на работно место во Пентагон. НСА е дел од Министерството за одбрана на САД.
Актуелните и поранешните функционери, наведени од весникот, изјавија дека не ја знаат причината за отпуштањето на Хоф или трансферот на Нобл.
Заменик-шефот на USCYBERCOM, Вилијам Хартман, беше именуван за вршител на должноста директор на НСА, а Шејла Томас, која беше извршен управител на агенцијата, беше именувана за негов привремен заменик, објави Пост.
Ниту Пентагон ниту Белата куќа веднаш не одговорија на барањето за коментар.
Демократот Џим Хајмс, висок член на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, го осуди разрешувањето на Хоф.
Откако ја презеде функцијата на 20 јануари, републиканскиот претседател Доналд Трамп отпушти голем број шефови на американски разузнавачки служби и наместо нив назначи луѓе лојални нему.