Поранешниот американски претседател Доналд Трамп побара од федералниот судија задолжен за случајот со задржувањето доверливи документи во неговиот дом во Флорида, на неодредено време да го одложи одредувањето на датумот на судење и предложи кое било закажано судење да не биде одржано барем до претседателските избори во САД во 2024 година.
Во документите, поднесени од адвокатите на Трамп до судијката на Окружниот суд, Ајлин Канон, се бара таа да не одреди конкретен датум за започнување на судењето додека не се завршат главните барања за предистражниот процес, бидејќи не се знае колку долго тоа може да потрае, пренесува „Гардијан“.
„Судот, со должна почит, треба, пред да одреди каков било датум на судење, да остави време за разјаснување на обемот на барањата што ќе бидат поднесени“, се вели во поднесокот.
Трамп е обвинет за прикривање информации за националната одбрана, вклучително и американски нуклеарни тајни и планови за одмазда на САД во случај на напад, што значи дека неговиот случај се разгледува според правилата утврдени во Законот за процедури на доверливи информации.