Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со високи царини за Европската Унија доколку Канада стане нејзина прва „придружена членка“, оценувајќи дека таквиот потег би можел да претставува „непријателски чин“ кон САД.
Трамп ја нарече идејата „смешна“ и рече дека, доколку процени оти потегот е насочен против САД, би можел да воведе многу високи царини или да ја прекине трговијата со Европа во повеќе сектори. Сепак, посочи дека неговата реакција ќе зависи од намерите зад предлогот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи Канада да стане првата придружена членка на ЕУ, со цел дополнително зајакнување на соработката меѓу Брисел и Отава. Европската комисија по реакцијата на Трамп порача дека зајакнувањето на партнерството со Канада не е насочено против друга земја.
Таков статус во моментов не постои во правната рамка на ЕУ, па допрва би требало да се утврди што конкретно би подразбирало „придруженото членство“. Канадскиот премиер Марк Карни го поздрави предлогот за поблиски односи со Унијата.