Две лица се уапсени под сомнение дека извршиле убиство на маж чие исчезнување претходно било пријавено, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Според информациите, полицијата постапувала по пријава за исчезнато лице, а со оперативна работа било утврдено дека осомничените во првата половина на април физички го малтретирале мажот во изнајмен стан во Рума. Како последица на здобиените повреди, тој починал.
По смртта, осомничените го пренеле телото во семејна куќа што повремено ја користеле, а по неколку дена, со цел да го прикријат кривичното дело, го закопале во дворот.
Полицијата денеска, во координација со обвинител од Вишото јавно обвинителство во Сремска Митровица, извршила увид на местото на настанот, при што било пронајдено закопано тело во фаза на распаѓање.
По наредба на обвинителот, телото е пренесено во Институтот за судска медицина во Нови Сад, каде ќе биде извршена обдукција за утврдување на причините за смртта.
На осомничените им е одредена мерка задржување до 48 часа, по што, со кривична пријава, ќе бидат изведени пред Вишото јавно обвинителство во Сремска Митровица.