Талибанските медиуми престанаа да прикажуваат слики од живи суштества – луѓе и животни – во некои авганистански провинции за да се усогласат со законите за морал, соопштија денеска официјални лица, пренесуваат медиумите во регионот.
Во август, Министерството за промоција на доблеста објави закони со кои се регулираат аспектите од секојдневниот живот, како што се јавниот превоз, медиумите и прославите.
Членот 17 забранува објавување слики на живи суштества, што предизвикува загриженост за последиците за авганистанските медиуми и слободата на печатот.
Портпаролот на Министерството за промоција на доблеста, Саиф ул Ислам Хајбер, рече дека владините медиуми во провинциите Тахар, Мајдан Вардак и Кандахар се советувани да не емитуваат или прикажуваат слики од „ се што има душа“, што значи луѓе и животни.
Хајбер рече дека министерството е одговорно за спроведување на законите за морал, но не појасни дали правилата важат за сите медиуми, вклучително и странските медиуми, или само за авганистанските канали и веб-страници, ниту пак кажа како ќе се спроведуваат законите.
За време на нивното претходно владеење во доцните 1990-ти, Талибанците целосно ги забранија повеќето телевизии, радио станици и весници, според написите.