Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус денеска предупреди дека повеќе луѓе во Појасот Газа би можеле да умрат од болести отколку од бомбардирање.
Тој рече дека постои зголемен ризик од појава на болести бидејќи прифатилиштата се преполни и недостигаат храна, вода, лекови и санитарни услови.
Како што наведе, 111.000 луѓе имаат респираторни инфекции, а 75.000 имаат дијареа, а многу од болните се на возраст под пет години, пренесува Бета-АП.
„Со оглед на условите за живот и недостатокот на здравствена заштита, повеќе луѓе би можеле да умрат од болести отколку од бомбардирање. Станува збор за живот или смрт за цивилите“, рече Гебрејесус и повика на траен прекин на огнот.
Во војната предизвикана од нападите на Хамас на југот на Израел на 7 октомври, раселени се околу 1,8 милиони или 80 отсто од жителите на Газа, покажуваат податоците на ОН.