Цените на суровата нафта утринава скокнаа за повеќе од четири долари за барел по продолжувањето на борбите меѓу палестинската милитантна група Хамас и Израел што започнаа во саботата.
За време на утринското тргување на азиските пазари, суровата нафта „Брент“ се продаваше за речиси 88 долари за барел, а американската нафта „WT“ за 86 долари за барел, што е зголемување за повеќе од три отсто во однос на цената што беше актуелна на затворањето на берзите во петокот објави порталот „oilprice.com“.
Порастот на цената на нафтата уследи по најголемиот напад врз Израел во изминатите години, откако милитантите на Хамас влегоа во земјата по копно, море, па дури и од воздух во раните утрински часови во саботата и ги нападнаа израелските градови, пренесуваат медиумите во светот.
Според написите, цените на нафтата брзо реагираа на влошената безбедност на Блискиот Исток и најверојатно ќе останат чувствителни на промените.
Аналитичарите на банкарската групација „Голдман Сакс“ сметаат дека последните настани би можеле да ја одложат нормализацијата на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија, пренесува Блумберг.