Поранешните британски претставници на одбраната грешат кога велат дека Велика Британија не е подготвена за војна, изјави вицепремиерот на Риши Сунак, Оливер Дауден.
„Светот се повеќе станува поопасно место. Свесни сме за комбинациите на непријателските држави, меѓу кои се Русија, Иран, Северна Кореја и Кина. Мора да преземеме активности во овие области. Секако, секогаш може да се направи повеќе, но мислам дека правиме добар напредок против заканите кои постојано се зголемуваат“, рече Дауден, одговарајќи на наводите на поранешни високи функционери кои изјавија дека Британија не е подготвена за потенцијална војна.
Дауден рече дека се согласува со оценката дека Британија е во „најнепријателската средина“ од крајот на Студената војна.
„Гледаме дека заканите се зголемуваат во голем број работи, не само во конвенционалните вооружени сили, туку и во сајбер безбедноста, економската безбедност, каде што премиерот го формираше комитетот за економска безбедност на Советот за национална безбедност, со кој јас претседавам“, рече тој.
Поранешниот министер за вооружени сили на Велика Британија, Џејмс Хепи, изјави дека Британија не успеала да се подготви за „војна како потфат на целата нација“, со оценка дека не се планира како ќе функционира државата во услови на можен конфликт.
„Војната е потфат на целата нација и, да бидам искрен, во Велика Британија многу доцниме“„, рече Хепи, истакнувајќи дека има делови од власта кои сериозно не размислувале за функционирање на земјата во војна.
Неодамнешниот министер за одбрана, Бен Валас, смета дека има „премногу луѓе во владата кои се потпираат на надежта дека сегашната нестабилност во светот ќе исчезне“ и додава дека е време да се „исчисти прашината“ од прирачникот од периодот на Студена војна.
Тој го повтори повикот до Владата сериозно да се подготви, порачувајќи дека зголемената нестабилност во светот значи дека целата земја мора да направи чекор кон признавање на основната должност да размислува за одбрана.