Германската биотехнолошка компанија „Бионтек“ и нејзиниот американски партнер „Фајзер“ незаконски ја користеле заштитената интелектуална сопственост на „Модерна“ во развојот на вакцината против Ковид и мора да и платат компензација, одлучи германскиот суд.
„Бионтек“ и „Фајзер“ ги прекршиле патентните права на „Модерна“ при развивањето на вакцината против Ковид-19, пресуди судот во Дизелдорф и мора да ѝ платат соодветна компензација.
Пресудата вклучува и барање „Бионтек“ и „Фајзер“ да дадат информации за профитот од користењето на патентот.
„Модерна со седиште во САД поднесе барања за информации и отштета поради прекршување на нејзините патентни права во развојот на вакцината против Ковид-19. Регионалниот суд во Дизелдорф пресуди во корист на Модерна“, рече портпаролката.
Обвинетите компании тврдеа дека „Модерна“ ја одобрила употребата на патентот во соопштение за печатот во октомври 2020 година. Дозволата, тврдат тие, важела до 5 мај 2023 година, кога Светската здравствена организација (СЗО) објавила дека коронавирусот повеќе не е закана за јавното здравје.
Судот, сепак, утврди дека „Модерна“ ја повлекла лиценцата во соопштението за печатот објавено на 7 март 2022 година. Затоа, според судот, германски „Бионтек“ и американски „Фајзер“ ќе треба да плаќаат за користење на патентот 14 месеци по одземањето на лиценцата, а не само од мај 2023 година.
Германскиот суд допрва треба да ја одреди висината на обесштетувањето на Модерна. „Фајзер“ и „Бионтек“ имаат право на жалба.