Бројот на загинати во Мјанмар по тајфунот Јаги се искачи на повеќе од 220, а речиси 80 други се уште се водат како исчезнати, соопшти воената влада.
Тајфунот го погоди северниот дел на Виетнам, Лаос, Тајланд и Мјанмар на почетокот на септември и досега, според официјалните податоци, уби повеќе од 500 луѓе ширум регионот.
Јаги предизвика големи поплави и лизгање на кал во Мјанмар, при што загинаа најмалку 226 лица, додека цели села беа уништени. Со уништени стотици илјади хектари земјоделски култури, ОН, исто така, предупреди дека на повеќе од половина милион луѓе во земјата разурната од војна итно им е потребна храна и вода за пиење, засолниште и облека.
Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (UNOCHA) соопшти дека околу 631.000 луѓе биле погодени од поплавите во Мјанмар.
Агенцијата додава дека комуникациските линии се прекинати, патиштата се блокирани и мостовите се оштетени, што сериозно ги отежнува напорите за доставување помош.
Лошата комуникација, особено со оддалечените области, исто така го отежнува собирањето податоци за жртвите.
Според Светската програма за храна (WFP), овие поплави се најлошите во поновата историја на Мјанмар.