Портпаролот на ЕУ Петер Стано повтори дека Унијата го осудува инцидентот што се случи во Бањска и порача дека ситуацијата мора да деескалира и дека излезот од постојаните кризи на Косово мора да се најде со дијалог.
„ЕУ е многу јасна – ние сме посредникот. Двете страни сакаат да влезат во ЕУ, а нивниот пат е преку дијалог. Дека не треба да се справуваме со опасни кризи како оваа што ја имаме сега, туку да им помогнеме да напредуваат кон нормализација и помирување. Сето тоа многу јасно стои во соопштението на членките на ЕУ – како мора да се однесуваат за да влезат во ЕУ“, рече Стано на прес-конференцијата во Брисел.
На прашањето на новинарите дали постои можност за воведување мерки, Стано рече дека истрагата се уште е во тек и дека се уште се испитуваат сите факти за тоа дело.
На прашањето дали високиот комесар за безбедност и надворешна политика Жозеп Борел планира уште една средба на високо ниво со Белград и Приштина, Стано рече дека тоа е дел од дијалогот.