Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и другите јужноамерикански лидери се под притисок да излезат со храбри решенија за најголемата прашума во светот на средбата посветена на иницијативи за спас на Амазонија, која започнува денеска во Бразил.
Бразилските власти најавуваат дека амбициозните планови за запирање на уништувањето на шумите ќе бидат усвоени на состанокот во Белем, град на реката Амазонија.
Тоа е прва средба во изминатите 14 години на Организацијата за соработка во Амазон, која се состои од осум земји: Боливија, Бразил, Колумбија, Еквадор, Гвајана, Перу, Суринам и Венецуела.
Амазонија, „белите дробови на светот“, е дом на околу десет проценти од биолошката разновидност во светот, 50 милиони луѓе и стотици милијарди дрвја. Научниците предупредуваат дека поради уништувањето на шумите опасно се приближува до точката од која нема враќање, каде прашумите ќе почнат да изумираат и наместо да го апсорбираат јаглеродот, што ќе има катастрофални последици за глобалната клима.
– Земјите од регионот се решени да го спречат тоа, изјави бразилската министерка за животна средина Марина Силва пред самитот. Шефот на бразилската дипломатија, Мауро Виеира, рече дека средбата ќе резултира со заедничка декларација во која ќе бидат изнесени „инструкции“ за осумте земји да спроведат „нови цели и нови задачи“ за заштита на прашумите од уништување.
Нацрт-декларацијата беше договорена во „рекордно време – нешто помалку од еден месец“, додаде бразилскиот министер за надворешни работи.
Уништувањето на шумите во Бразил најмногу се должи на сточарството, но и поради корупција, грабеж на земјиште и организиран криминал во области како што се трговија со дрога, оружје, дрво и злато. Во Бразил, најголемиот светски извозник на говедско месо и соја и дом на 60 отсто од Амазон, уништувањето на шумите веќе избриша една петтина од дождовните шуми.
Активистите за заштита на животната средина вршат притисок врз преостанатите седум држави да го усвојат ветувањето на Бразил да стави крај на нелегалното уништување на шумите до 2030 година.
Податоците објавени оваа недела од бразилската агенција за вселенски истражувања ИНПЕ покажуваат дека уништувањето на шумите во бразилскиот Амазон во јули падна на најниско месечно ниво од 2017 година. Исто така, во првите седум месеци од годинава сечењето на шумите кумулативно се намалило за 42,5 отсто во однос на истиот период во 2022 година, објави ИНПЕ.
Експертите го поздравија забавувањето на владата на Лула, но повикаа и на дополнителна претпазливост во наредните месеци, кога е сезона на најголемите пожари.
„Тоа е многу значителен пад за еден месец обележан со суши“, рече директорката на WWF Бразил, Маријана Наполитано, повикувајќи се на податоците за јули.
Таа истакна дека тоа покажува дека преземените вонредни мерки даваат резултати, но и предупреди дека уништувањето на шумите на Амазон и понатаму е на високо ниво и дека ќе бидат потребни дополнителни активности за да се запре до 2030 година.