Спијат на плажите: раселените во Либан исплашени поради израелските бомбардирања

677z381_52-66fecf856ff85.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Махмуд спие на ќебе со сопругата и двегодишниот син на плажа во главниот град на Либан, Бејрут.


Тие се меѓу десетиците илјади луѓе кои побараа засолниште во Бејрут откако избегаа од разорните израелски воздушни напади низ Либан.

„Дојдовме во Бејрут затоа што мислевме дека градот ќе биде побезбеден“, рече Махмуд. „Но, сега спиеме овде, на плажа, без ништо, пренесува Радио Слободна Европа.

Махмуд и неговото семејство побегнале од јужниот либански град Газија, една од најтешко погодените области, откако нивниот дом бил оштетен во израелски воздушен напад. Откако се качиле во преполн автобус со само три ранци, пристигнале во Бејрут по 20-часовно возење низ патишта блокирани од сообраќај.

Копнената инвазија на Израел во јужен Либан и неговите воздушни напади врз Хезболах, вооружената група и политичка партија поддржана од Иран, која контролира голем дел од јужен Либан, нанесе голема штета на цивилите, пишува медиумот.

Либанските власти соопштија дека повеќе од 1.100 луѓе се убиени откако Израел почна со воздушното бомбардирање на 23 септември. Околу 1,2 милиони луѓе, или една петтина од населението, беа раселени во најголемото раселување во историјата на таа земја.

Во Бејрут училиштата, универзитетите, џамиите, па дури и фудбалските стадиони се претворени во засолништа за раселените. И покрај тоа, илјадници немаат каде да одат и спијат на плажите, во парковите и плоштадите или во своите автомобили.

Махмуд и неговото семејство ги поминаа последните четири дена на плажата Ел Манара во Бејрут. Тие преживуваат благодарение на донациите на храна од локалното население, стои во написите.

„Не знаеме што да правиме“, рече Махмуд. „Сите засолништа се полни“.

Неговото семејство стравува дека наскоро може повторно да се преселат. Бејрут, густо населен град со околу 2,5 милиони жители, беше сцена на смртоносни израелски воздушни напади кои ги претворија делови од градот во урнатини.

„Ние сме ужаснати“, рече Махмуд. „Секој ден бомбите паѓаат сè поблиску и поблиску. Но, не знаеме каде да одиме“.

Привремената влада на Либан, оптоварена со обемот на раселувањето во земјата, веќе се бори да им помогне на сите на кои им е потребна. Прифатните центри се преполни и покрај тоа што локалните власти околу 500 училишта претворија во привремено сместување.

Светската програма за храна започна итна операција за да обезбеди храна за повеќе од милион луѓе погодени од зајакнувањето на израелската офанзива во Либан.

Организацијата, која предупреди дека Либан е во „пресвртна точка“, соопшти дека дистрибуира оброци и пари во засолништата низ целата земја.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK