Војната меѓу Израел и Хамас се шири во Сирија, поттикната од растечката нестабилност, насилство и недостатокот на напредок кон политичко решение на 12-годишниот конфликт, изјави Геир Педерсен, специјален пратеник на Обединетите нации за земјата.
Тој на состанокот на Советот за безбедност рече дека, со насилството во сирискиот конфликт, сирискиот народ сега се соочува со „застрашувачка перспектива за потенцијална поширока ескалација“ по нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври и израелската воена одмазда.
„Прелевањето на војната во Сирија веќе не е само ризик тоа веќе започна“, изјави специјалниот пратеник на ОН за Сирија.
Педерсен укажа на воздушните напади во кои Израел неколкупати ги погоди сириските аеродроми во Алепо и Дамаск, како и одмаздата на САД за, како што рече, повеќекратните напади врз нивните сили извршени од „групи за кои Вашингтон тврди дека ги поддржува Иран, вклучително и оние на сириска територија“.
Специјалниот пратеник на ОН за Сирија рече дека, имајќи предвид дека регионот на Блискиот Исток е „најопасен и напнат, се долева масло на огнот што веќе гореше во Сирија“, каде што имаше зголемување на насилството и пред 7 октомври.