Откако Кремљ минатата недела рече дека Русија може да размисли за отповикување на ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови, Советот на руската Дума ќе се состане денеска за да разговара токму за ова прашање.
Минатата недела Москва сигнализираше дека може да се повлече од договорот – истакнувајќи дека САД го потпишаа договорот, но не го ратификуваа – дополнително ја подгрева загриженоста дека Москва би можела да продолжи со нуклеарните тестови.
Со отповикување на ратификацијата, рекоа САД, Москва сака да го зголеми притисокот врз Вашингтон и неговите сојузници да ја запрат испораката на оружје и друга помош за Украина. Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови е потпишан од 187 земји и ратификуван од 178, но не може да стапи во сила додека осум конкретни земји не го потпишат и ратификуваат. Кина, Египет, Иран и Израел го потпишаа, но не го ратификуваа. Северна Кореја, Индија и Пакистан не потпишаа.
Иако САД го потпишаа, но не го ратификуваа договорот, тие го почитуваа мораториумот на тестовите за нуклеарно оружје од 1992 година и велат дека не планираат да го напуштат. Во четвртокот, рускиот претседател Владимир Путин ја истакна можноста за продолжување на нуклеарните тестирања, зголемувајќи ја загриженоста за нова трка во нуклеарно вооружување меѓу Русија, САД и Кина.