Сосед на атентаторот: Имаше транспаренти за поддршка на Трамп во дворот

kruks-tramp1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Сосед на 20-годишникот кој се обиде да го убие Доналд Трамп изјави дека во дворот на куќата на неговото семејство имало транспаренти со поддршка на Трамп.


Во саботата Томас Метју Крукс пукаше во Трамп од покрив на зграда, додека поранешниот претседател говореше на митинг во Пенсилванија.

Еден куршум му помина покрај увото, а Трамп се здоби со полесни повреди. Во нападот загина едно лице, а две се тешко повредени.

Инспекторите се обидуваат да го утврдат мотивот за нападот. Властите наведуваат дека потенцијално се работело за терористички акт и дека Крукс дејствувал сам, пишува Њузвик.

Има некои нејаснотии за политичките определби на Крукс. Крукс донирал 15 долари за Progressive Turnout Project, одбор за политичка акција поврзана со Демократската партија на претседателот Џо Бајден. Јавните записи покажуваат дека неговиот татко е регистриран републиканец, а неговата мајка е регистриран демократ.

Осум месеци по донацијата, Крукс се пријавил да гласа како член на Републиканската партија, која е предводена од Трамп од 2016 година. Би-би-си објави дека Крукс работел во дом за стари лица во Бетел парк, во кујната.

Во 2022 година, тој дипломирал на средното училиште Бетел Парк, каде што бил меѓу групата студенти кои добиле награда од 500 долари за Национална иницијатива за математика и наука.

Поранешен соученик на Крукс рекол дека во средно училиште не покажувал некој посебен интерес за политика и дека со него најмногу разговарал за компјутери и игри.

„Тој беше супер паметен. Тоа е она што навистина ме погоди, тој беше навистина, навистина паметно дете, брилијантно“, изјави поранешен колега за Ројтерс.

„Ништо лудо никогаш не излезе во разговор со него“, додаде тој.

Друг млад човек кој се опиша себеси како поранешен школски другар на Крукс, зборуваше со новинарите. Тој, пак, рече дека Крукс „речиси секој ден бил малтретиран“ на училиште.

Тој изјави за Ен-би-си Њуз и други медиуми дека наклонетоста на Крукс да носи „ловечка“ и „воена“ облека и фактот дека тој секогаш ручал сам, предизвикал потсмев кај неговите врсници, кои го сметале за „осамен“ и „отфрлен“.

„Сè на сè, беше многу тажно… Многу го малтретираа“, додаде тој.

Неговиот сосед од Бетел Парк, предградие на Питсбург, рече дека пред неколку месеци виделе знаци со слоганот „Make America great again“ во дворот на Крукс.

„Некое време дефинитивно имаше транспаренти за поддршка на Трамп“, изјави Кели Литл за WTAE-TV.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK