Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти Пентагон.
Повикот бил упатен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад внатре на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува никаква дискусија за плановите на Израел за овој напад, пренесува Си-Ен-Ен.
Неименуван висок американски функционер изјави за Си-Ен-Ен дека Израел во четвртокот ја информирал Америка дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува оваа акција на Тел Авив.
Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран.
Новинската агенција „Фарс“ објави дека се слушнале „експлозии“ во близина на меѓународниот аеродром во Исфахан. Провинцијата Исфахан е дом на голема воздухопловна база, голем комплекс за производство на ракети и неколку нуклеарни локации, наведува Би-Би-Си.
Израелската војска соопшти дека „засега нема коментар“ за извештаите за експлозии во Иран. Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан изјави неколку часа пред да се слушнат експлозиите дека доколку Израел преземе каква било воена акција, одговорот на Техеран ќе биде „веднаш и на максимално ниво“, пренесува Танјуг.