Швајцарија сака да ја обнови мрежата на своите стари нуклеарни засолништа, кои се повеќе се сметаат за вреден ресурс во време на глобална неизвесност, особено по руската инвазија на Украина. Благодарение на законот од 1963 година, оваа земја веќе е пред соседите како Германија. Имено, во Швајцарија на секој од нејзините 9 милиони жители, вклучувајќи странци и бегалци, им е загарантирано место во бункер за да се заштитат од бомби и нуклеарно зрачење, пренесуваат медиумите во регионот.
„Во следните години, (швајцарската) конфедерација сака да отстрани некои исклучоци од сегашните правила и да реновира некои постари засолништа“, изјави за Ројтерс, Луис-Анри Деларагез, командант за цивилна заштита за кантонот Вауд.
Владата започна консултации во октомври за да обезбеди „отпорност на Швајцарија во случај на вооружен конфликт“ и планира да инвестира 220 милиони швајцарски франци (250 милиони долари) за модернизирање на старите капацитети.
„Ова не значи дека се подготвуваме за конфликт – тоа не е пораката – но имаме мрежа на засолништа и мораме да ги одржуваме и да се погрижиме да бидат функционални“, додаде тој.
Во селото Бершер во кантонот Вауд, службениците за цивилна заштита во портокалови комбинезони неодамна извршија проверка на бункер под станбена зграда како дел од задолжителната 10-годишна инспекција.
„Ова засолниште во моментов е неупотребливо“, заклучи водачот на тимот Грегори Фирер. На станарите ќе им биде дадена една година да ги отстранат недостатоците или ќе треба да платат по 800 франци (900 американски долари) за место во јавно засолниште, додаде тој.
Швајцарија остана надвор од странски војни откако стана неутрална во 1815 година. Во 18 век била окупирана од Франција, а претрпела и одредени воздушни бомбардирања за време на Втората светска војна.
Деларагез рече дека неговата канцеларија забележала зголемен број повици од загрижените жители за засолништа по руската инвазија на Украина во 2022 година.
„Одеднаш ние сме навистина многу барани меѓу луѓето кои сакаа да знаат: каде се засолништата, каде е моето место, дали е подготвено неговото засолниште.
До неговата канцеларија се наоѓа едно од 350-те кантонални комунални засолништа, добро одржувано, со кревети на спрат и тоалети. Во близина се наоѓаат подземен команден центар, подземна болница со операциона сала и бункер за заштита на уметнички дела.
„Во Швајцарија имаме предвидливост. Има една латинска поговорка која вели: „Ако сакате мир, подгответе се за војна“, рече Деларагез.