Шолц во Киев вети германска помош за Украина, избегна прашања за НАТО

sholc-zelenski-EPA.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Германскиот канцелар, Олаф Шолц, денеска го посети Киев за првпат по две и пол години, носејќи порака за поддршка од Берлин и ветувајќи дека Германија ќе остане најсилниот поддржувач на Украина во Европа.


Германскиот канцелар, кој во понеделникот наутро пристигна во украинскиот главен град по деветчасовно патување со воз, најави дополнителни испораки на оружје во вредност од 650 милиони евра до крајот на декември за зајакнување на одбраната на Украина, вклучувајќи борбени тенкови, проектили, беспилотни летала и системи за противвоздушна одбрана.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го пречека Шолц во Киев, се заблагодари на Германија за континуираната поддршка.

Но, Зеленски, исто така, истакна дека двете итни украински барања, за покана за членство во НАТО и за испорака на крстосувачки ракети Таурус од германско производство со долг дострел, останале неисполнети.

Шолц избегна прашања за аспирациите на Украина за членство во НАТО, велејќи само дека претходните резолуции на НАТО го отворија патот за евентуално членство на Украина во алијансата.

Канцеларот мисли на состаноците во 2023 и 2024 година, на кои земјите од НАТО само потврдија дека Украина во одреден момент треба да стане членка на западната одбранбена Алијанса. Но, тие не понудија конкретна временска рамка или детални услови за пристапување на Украина.

Шолц, исто така, уште еднаш повтори на заедничката прес-конференција со Зеленски дека одбива да испрати ракети Таурус бидејќи вооружувањето на Украина со оружје со долг дострел ризикува ескалација со Русија.

Во последниве недели, украинскиот лидер повторно го забрза обидот на Украина да се приклучи на НАТО во светлината на територијалните придобивки на Русија во крвавите битки на фронтот.

Така, во неделата официјалната покана за членство во НАТО ја опиша како неопходна за нивниот опстанок, додавајќи дека не се надева оти ќе ја добие поради скептицизмот во САД, Германија и Унгарија.

Пред разговорите, двајцата лидери заедно ги посетија ранетите украински војници во Киев, вклучително и некои кои ги загубија екстремитетите борејќи се со руската инвазија. За време на посетата Зеленски им додели медали на поединечни војници.

Зеленски и Шолц, исто така, гледаа презентација на беспилотни летала користени во одбранбената кампања на Украина против Русија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK