Германскиот канцелар Олаф Шолц го осуди денешното убиство на две лица во Баварија, извршено од Авганистанец чие барање за азил беше одбиено, наведувајќи дека станува збор за терористички чин.
Шолц рече дека поради честите насилства на мигрантите кои дошле да бараат заштита во Германија, мора да се преземат одредени мерки, без да прецизира кои, пренесе АП.
Тој посочи дека властите мора да разјаснат зошто осомничениот Авганистанец се уште е во Германија, иако неговото барање за азил е одбиено.
Шолц истакна дека нападот, кој се случи нешто повеќе од еден месец пред парламентарните избори во Германија, мора да има последици.
Полицијата соопшти дека осомничен за денешните убиства е 28-годишен државјанин на Авганистан кој веќе најмалку три пати извршил насилство, по што секој пат добивал психијатриско лекување.
Се претпоставува дека осомничениот пристигнал во Германија во ноември 2022 година и дека побарал азил на почетокот на 2023 година.
На 4 декември тој им кажа на властите дека доброволно ќе ја напушти Германија и дека ќе побара документи од авганистанскиот конзулат, според написите.
Една недела подоцна, германските власти официјално ја затворија процедурата за азил и му наредија да ја напушти Германија.
Две лица, меѓу кои и двегодишно момче, се убиени денеска во напад со нож во германскиот град Ашафенбург во Баварија, а уште тројца се повредени, меѓу кои и едно дете.
Нападот се случил во градскиот парк, а полицијата го уапсила напаѓачот, јавува Танјуг.