Германскиот канцелар Олаф Шолц за време на денешниот престој во Нигерија се заложи за побрзо враќање на граѓаните на таа земја чии барања за азил беа одбиени во Германија, а во исто време разговараше и за испорака на нигериски гас во Германија.
„Миграциските центри треба да овозможат побрзо враќање на Нигеријците на кои им беше одбиен азил во Германија“, рече Шолц во Лагос, на вториот ден од неговата тридневна турнеја низ Африка.
Истовремено, тој се залагаше за олеснување на емиграцијата на експерти од Нигерија кои сакаат да работат во Германија.
„Мислам дека ова е уште една област каде што можеме да го искористиме огромниот потенцијал“, рече Шолц по разговорите со нигерискиот претседател Бола Тинубу.
Германскиот канцелар најави изградба на миграциски центар во Лагос, каде потенцијалните емигранти би можеле да се советуваат за можностите за вработување во Германија. Центарот ќе служи и како место за прием на оние кои беа вратени од Германија во Нигерија.
По разговорот со Шолц, Тинуба покажа дека е отворен за враќање на лица кои немаат право на престој во Германија.
За време на престојот во Нигерија, Шолц зборуваше и за можностите за производство на водород како енергетски извор на иднината, како и за извозот на течен гас во Германија во преодниот период.
„Нигерија има добри шанси да остане еден од најважните актери во процесот на поттикнување обновливи извори на енергија и водород, но и течен гас, кој ќе ни треба во годините што доаѓаат“, рече Шолц на нигериско-германскиот економски форум во Лагос.
По Нигерија, Шолц ќе ја посети и Гана во рамките на својата африканска турнеја.